Како да се заштитите од измами со лажни фактури

Овој краток прирачник е референтна алатка што ќе ви помогне да го обновите вашето знаење или да го практикувате она што сте го научиле во онлајн видео курсот „Како да се заштитите од измами со лажни фактури“ (Protecting yourself against fake invoice scams), вклучувајќи како да:

  • препознаете како се изведуваат измамите со лажни фактури
  • ги пронајдете предупреувачките знаци пред да платите
  • проверете дали фактурата е вистинска
  • преземете дејство ако мислите дека сте измамени.

Застанете. Проверете. Заштитете се.

Пред да платите за било што преку интернет, запомнете три чекори што можат да ви помогнат да се заштитите себеси и вашите пари од една од најскапите измами во Австралија.

  • Застанете и одвојте малку време пред да ги дадете вашите пари или лични информации на некого.
  • Проверете дали лицето или организацијата со која работите се вистински.
  • Заштитете се со брзо дејствување ако нешто не ви изгледа во ред.
Измами со лажни фактури

Како се изведуваат измамите со лажни фактури

Измамите со лажни фактури, познати и како измами со пренасочување на плаќање, можат да ви стигнат преку имејл, текстуална порака, WhatsApp или дури и писмо по пошта.

Овие измами може да бидат тешки за забележување, бидејќи не секогаш вклучуваат линк или копче за плаќање. Многу од нив едноставно доставуваат документ со BSB-број и број на сметка, исто како и вистинска фактура. Други користат QR-код што ве упатува на лажна страница за плаќање или бараат од вас да се јавите на број што директно ве поврзува со измамникот.

За ваша безбедност, не кликнувајте на линкови или не отворајте прилози од непознат испраќач. Измамниците или ја компромитираат имејл адресата на легитимен бизнис или креираат слична адреса, а потоа испраќаат фактури со свои банкарски податоци. Ако платите, парите одат директно кај измамникот, а лажна страница за плаќање може да собере и ваши лични податоци за кражба на идентитет во иднина.

Предупредувачките знаци на кои треба да внимавате

Постојат неколку предупредувачки знаци кои можат да ви помогнат да препознаете лажна фактура пред да платите.

  • Не очекувавте фактура или барање за плаќање. Легитимните организации обично не бараат плаќање без претходно да ве контактираат.
  • Имејл адресата на испраќачот изгледа речиси исправно, но не е сосема иста. Дури и една дополнителна буква или различен домен може да открие измама.
  • Вршат притисок да се плати веднаш. Итноста е една од најчестите тактики на измама, затоа сфатете ја како причина да не брзате.
  • Бизнис кој обично ве контактира преку имејл одеднаш испраќа барање за плаќање преку WhatsApp или SMS-порака.
  • Вие поставувате прашање во врска со плаќањето, користејќи ги податоците за контакт од фактурата и добивате брз и убедлив одговор. Измамниците се подготвени за вашите прашања, затоа немојте да се опуштате.

Како да се заштитите

Измамниците се преправаат дека се од организации што ги познавате и на кои им верувате, но постојат проверки што можете да ги направите за да бидете сигурни дека плаќате пари на некој што е легитимен.

  • Проверете го описот на производот или услугата на фактурата. Ако она што е купено не ви изгледа познато, фактурата може да е лажна.
  • Контактирајте го бизнисот директно користејќи телефонски број или веб-адреса што ќе ја најдете сами онлајн, а не деталите за контакт во нивната порака.
  • Ако не сте сигурни дека бизнисот е вистински, проверете го неговиот ABN бесплатно на business.gov.au.
  • Проверете ја целосната имејл адреса и истражете ги сите линкови пред да кликнете. Употребата на многу цртички или чудно напишани познати зборови можат да укажуваат на измамничка страница.
  • Користете безбеден метод на плаќање како што се PayPal или кредитна картичка, наместо директен банкарски трансфер. Овие обезбедуваат заштита на клиентите ако плаќањето се покаже како лажно.

Ако не сте сигурни, не плаќајте. Ако фактурата е вистинска, бизнисот ќе ве контактира преку официјални канали.

Што да направите ако сте биле измамени

Ако мислите дека сте платиле на измамник, дејствувајте веднаш за да ги заштитите вашите пари и вашите лични податоци.

  1. Веднаш јавете се во вашата банка или финансиска институција, кажете им што се случило и побарајте од нив да ја запрат трансакцијата, доколку е можно.
  2. Променете ги лозинките и тајните фрази за сите сметки што можеби се компромитирани.
  3. Ако личните информации како што се вашето име, адреса, детали за сметката или документи за идентитет можеби се компромитирани. Контактирајте ја службата IDCARE (idcare.org) за бесплатна помош за заштита на вашиот идентитет.
  4. Пријавете ја измамата на веб-страницата scamwatch.gov.au/report-a-scam за да ги предупредите другите.
Измамниците можат брзо да направат парите да исчезнат откако ќе ги добијат, и поради тоа е речиси невозможно да се вратат украдените средства. Доколку мислите дека измамниците ви ги украле парите, веднаш контактирајте ја вашата банка.